Скриениот змеј ја изненади Македонија...
Откако националниот
Избор за песна на Евровизија
ги спушти своите завеси, а Македонија го доби својот 10-ти јубилеен
претставник на оваа популарна манифестација, чувствата кои остануваат,
откако ги преживеавме две полуфинални вечери и финалето, се измешани.
Од една страна, Ѓоко Танески е извонреден пејач, кој со сите потенцијали кои ги носи баладата
Јас ја имам силата најдобро што може ќе ја претстави Македонија. И, тука нема ништо спорно.
Но,
она што загрижува е фактот дека ниту за финалето на Изборот за најдобра
македонска песна, со која и одиме на мегдан на Европа, не можат да се
соберат ни илјада и пол луѓе во публика, колку што има столчиња во
Универзална сала,
каде традиционално се одржа манифестацијата. Зборува ли тоа дека
македонската забавана песна е во криза, од која тешко ќе може да се
извлече, или овој настан едноставно повеќе нема кредибилитет кај
народот?!
Актуелниот домашен Избор за песна на Евровизија,
кој викендов финишираше со добивање на песна која ќе не претставува на
25-ти мај во Осло, за кога е најавена првата полуфинална вечер, како
никогаш до сега помина во една неверојатно анемична и апатична атмосфера.
Годинава, во чаршиските кулоари никој со сигурност не можеше да
прогнозира кој ќе ја претставува Македонија во Норвешка, што воопшто не
беше случај изминативе години, кога, сепак, ма колку да се прикриваа
фаворитите, испливуваа барем неколку имиња. Годинава, потенцијалните
кандидати најчесто беа спомнувани на лична иницијатива, како луѓе, кои,
ете, имаат желба да одат на
Евровизија. И ништо повеќе...
А, меѓу сите
шуш-буш муабети, ни под точка разно не се наоѓаше името на Ѓоко Танески. Токму заради тоа, победата на
Тигарот од Охрид, еден од најквалитетните машки вокали во Македонија, му е послатка и нему, а и на неговите фанови.
За
противниците, кои во овој случај се фанови на некои други пејачи,
неговиот триумф е спорен, бидејќи на пиедесталот се искачи само
благодарение на тоа како гласаше стручното жири. Нивните поени, контра
гласовите од публиката, пристигнати по пат на телевоутинг, иако не
можат да се споредат со безмалку осум илјади колку што собра
второпласираниот Влатко Илиевски за песната
Среќа, сепак ја
имаа потребната тежина за победата на Ѓоко. Тоа го вели правилникот на
Македонската Радио Телевизија, организатор на оваа манифестација, а,
бидејќи тоа се правилата, мораме да ги почитуваме, нели?! Ма колку
истите некому да му се допаѓале, или не!
Заради тоа и велиме дека
Скриениот змеј ја изненади Македонија. Во останатите работи, сите карти беа на негова страна. Или барем повеќето...
Настрана фактот каков пејач е Ѓоко, што лани го докажа со албумот
Никогаш доста,
за триумф, макар и изненадувачки, сосема погодува климата дека тој
воопшто не бил фаворизиран. А, ако некој не е фаворит, отпаѓаат и сите
можни шпекулации за евентуални местенки. Со оглед дека Ѓоко веќе еднаш
пееше на
Евровизија, како придружен вокал на Мартин Вучиќ во
2005-та година во Киев, добро му е познато се што го очекува во мај во
Осло. Затоа велиме дека нашиот претставник годинава е човекот со
искуство.

Освен тоа, песната Јас ја имам силата, која е моќна балада
и една од најубавите теми кои во својата безмалку 20-годишна кариера ја
напиша Кристијан Габроски, инаку комплетен автор (на кого за аранжманот
му помогна Дарко Тасев), го заслужуваше највисокото признание. На
актуелниот уметнички директор на Макфест, кога се ќе се собере и одземе, ова му е најголемиот успех во кариерата. Од Гарда, преку Ристо Бомбата & Кучешка тенија и соло-периодот, до директорувањето со Макфест (макар и во уметничка смисла) и пишување за други пејачи. Евровизија несомнено претставува добар момент за сечија кариера...
Колку
сме во право, ќе дознаеме за три месеци, на 25-ти мај, на првата
полуфинална вечер во Осло, и, дај Боже, на 29-ти, на големото финале.
Ако се има в предвид податокот дека нашите претставници во 2008-ма –
Тамара, Врчак и Адријан, и во 2009-та – Некст тајм, ја немаа таа можност да се најдат во финалето, без оглед колку (особено во случајот на Некст тајм) беа добри на сцената, годинава сите наши молитви се, да ни се насмевне таа теоретска трета среќа.

Ова
е особено важно ако се знае податокот дека токму годинава, Македонија
по 10-ти пат учествува на Евровизија. Од првиот претставник Владо
Јаневски во 1998-ма, преку ХХЛ, Каролина Гочева (два пати), Тоше Проески, Мартин Вучиќ, Елена Ристеска, Тамара, Врчак и Адријан, до Некст тајм лани...
Тој
момент, особено важен за една млада музичка сцена каква е македонската,
која од осамостојувањето лани стана полнолетна, во само една најава
беше спомнат во финалето, со што, на некој начин, веднаш стана
маргинализиран. А, кога не знаеме самите да ги почитуваме своите
јубилеи, макар и скромни, каков што е 10-то учество на Евровизија, сосема е очекувано три вечери по ред националниот Избор да се случува пред полупразна Универзална сала, без оглед што во деновите потоа, интернет-форумите за топ-тема се уште ја имаа Евровизија.
Зборува
ли тоа дека македонската забавана песна е во криза, од која тешко ќе
може да се извлече?! Или, оваа манифестација веќе го нема потребниот
кредибилетет кај народот?! Кој знае!? Секоја роба го наоѓа својот
купувач, ако добро се изрекламира, па оттаму само ќе констатираме дека
годинава имавме лоша реклама, и робата остана на тезгите. Ќе се продаде
ли, барем на распродажба, т.е. дали песните ќе се вртат во етерот, ќе
почекаме за да дознаеме?! Искрено се надеваме...

Националниот Избор за песна на Евровизија
годинава ќе биде запаметен и заради уште неколку мошне интересни
моменти. Прво, стримингот на финалето за прв пат можеше да се следи на
официјалната веб-страница на Евровизија. Освен тоа, Македонците во
Македонија не беа единствените кои го избираа својот актуелен
претставник. За прв пат годинава преку смс, тоа можеше да го сторат и
нашиве во странство, дијаспората која живее во Австралија, Канада,
Шведска, Швајцарија, Турција и Германија. Одлична увертира власта да ги
вклучи иселениците и во процесот на многу посериозни гласачки системи
од евровизискиот – за претседателските и парламентарните избори. Секако
дека тогаш нема да се гласа преку смс, но, ќе се гласа...
Во
рамките на своите можности, Македонската Радио Телевизија и годинава
организираше коректна манифестација, далеку и од самата помисла дека би
можеле да имаме гламурозен избор или шоу што ќе се прераскажува.
Децениски тешка финансиска состојба, во која се најде националниот
радио-дифузен сервис, придонесе да бидеме среќни ако воопшто имаме било
каква манифестација. Светската криза и рецесија само дополнително ја
закомплицираа работава. Затоа, без намера било кого да напаѓаме или да
браниме, со ваквите проблеми, реално можеме само да констатираме дека
се случи Изборот. И, ништо повеќе. Гламурот и сјајот ги оставаме за
некој друг пат, а подобро шоу ќе најдеме веќе во емисиите на Тони
Михајловски, Жаре Берберот, Златна Бубамара на популарноста, или квизовите со Игор Џамбазов...
Квалитативно,
селекционата комисија годинава избра 28 интересни песни, и штета е што
во финалето не ги видовме Даниел Стојмановски, Паркети, Димитар Андоновски, Наташа Малинкова, можеби и Јова Радевска...

Сепак, и без нив финалето понуди шаренолика палета од музички стилови. Ги видовме алтернативците Водолија, рокерите Трета димензија, додека Тумбао салса бенд со својата врела песна Полудена во ноќта студена не однесе дури до Куба. За нивната композиција текстот го напиша поетот Михаил Ренџов...
Рака
на срце, годинава во Изборот не слушнавме ништо спектакуларно, па ако
се помириме со тој факт дека на изборите на Балканот ваквите песни се
реткост, полесно ќе ја проголтаме она што го имавме како понуда. Ма колку истото да било просечно или коректно.
На пример, Дарко Илиевски изненади со својата енергичност, исто како и Ангела Здравковска, Браво бенд
и Викторија Апостолова. Кристијан Јованов уште еднаш беше едноставен во
својата баладичност, а Наде Талеска со песната на Копров Среќен крај навести дека нејзиното време допрва доаѓа.

Миленикот
на публиката Александар Белов, кој пееше песна од Симон Трпчески, иако
според гласовите добиени по пат на телевоутинг беше трет, не успеа да
освои ниту еден бод од стручното жири. За разлика од Маја Вукиќевиќ,
која со својата Фама, излезена од работилницата на Александар
Масевски, во фазонот на Лејди Гага, беше најголемото изненадување на
актуелниот национален Евросонг, што на крај и го докажа освоеното 3-то место.
Фолк-дивата
Сузана Спасовска, која ја видовме во едно сосема поинакво светло од се
она што до сега работеше, и нејзиниот придружник на сцената Дарко
Нешовски, можеби имаа најквалитетна композиција. Да победија, тешко
дека некој во Осло можеше да остане рамнодушен на таков глас.
Секако, највесели на сцената беа членовите на Есмас бенд, сосе новата пејачка Леонора. И, додека за едните нивниот Џипси денс беше експлозија, другите тоа веќе го видоа пред две и пол, три децении, со Лепа Брена и Слатки грех.

Со баладата Летам кон тебе,
Влатко Лозаноски беше дури на четвртото место, но времето ќе покаже
дека со оваа тема нема да ги разочара своите фанови. Иако далеку од
победата, момчето од Кичево покажа сенс дека знае да избере добра
песна, а неговиот композитор Лазар Цветковски, дека знае што прави.
Најпосле, морален победник на националниот Евросонг 2010 е Влатко Илиевски, но не заради фактот дека Ѓоко Танески го тепаше во фото-финиш
(двајцата имаа по 22 поени, но 12-та на Ѓоко од жирито повеќе тежеше од
12-та на Влатко од публиката), туку затоа што понуди интересен и
комплетен пакет, кој можеби можеше да помине на Евровизија.
Започна како кабаре, а заврши со рокенрол, сосе пет убави девојки на
сцената... Македонскиот Ди Каприо со право уште долго ќе жали заради
пропуштениот воз, или авион, за Осло. И, кој знае кога (и дали!)
повторно ќе ја има ваквата шанса...?!

Националниот
евровизиски Избор годинава понуди и новина од однос на гласањето. По
пат на телевоутинг се гласаше безмалку целата вечер, 15 минути по
последната испеана песна, што веќе стана евровизиски тренд, а стручното
жири место ланските 12, годинава броеше по шест члена.
Дека на шармот на Евровизија паѓаат и авангардните музичари покажа и членувањето на Горазд Чаповски од групата Мизар во жирито на двете полуфинални вечери, кога својот суд меѓу другите го кажа и Васко Тодоров – Тошо Малерот од шоуто К-15.
Во
финалето, со своите гласови одлучуваа: Авни Ќаили (текстописец и
шоумен), Дарко Гелев – Брејк, Наум Петрески, Сашо Гигов – Гиш,
Александар Џамбазов и Саша Николовски – Ѓумар. Нивното долгогодишно
присуство на сцената и во фелата воопшто, ја гарантира нивната
стручност, па оттаму сите префрлања дека победата на Ѓоко и поразот на
Влатко, им одат на душана членовите на жирито – паѓаат во вода.

Иако имаше години и изданија кога членовите на жирито уште долго по
Изборот не можеа да поминат по улица без некој да им се насмее во лице,
годинава Евросонг-судиите можат да шетаат со кренати глави.
Единствената забелешка е до тој кој го составуваше жирито. Кој и да е -
во 21-от век не смееше да дозволи во три вечери да нема ниту еден
женски лик, кој, барем ќе ја разбиеше машката монотоничност.
Како
дел од секој евровизиски Избор, и ревијалната програма го има своето
место во процесот. Но, годинава некако посебно беше безлична.
Албанската претставничка Јулиана Паша, која со својата харизматичност
се обиде да ја освои публиката, не беше некој што можеше тоа да го
создаде и во пракса. Претставникот на Босна и Херцеговина – Вукашин
Браиќ, инаку морален победник на шоуто Операција Триумф,
миленикот на македонските тинејџерки, иако важи за ново име на кое мора
да се смета во иднина, во тие неколку минути доминација на сцена,
немаше песни за да некого крене на нозе.
Каролина Гочева, како
ѕвезда на вечерта беше сосема во ред, но, кога веќе имавме јубилеј на
кој бираме 10-ти претставник, редно беше да ги видиме неговите
претходници. Од Владо, преку Елена, до Некст Тајм. Во тој ланец Каролина останува забележана само некој кој својата земја ја претставуваше два пати...
Националниот Евросонг 2010 го водеа младите Александра
Јовановска, водителка од МРТ и соработник на проктот Евросонг, и Сања
Арсовска, актерка и познат ТВ лик од рекламите. Иако се трудеа да бидат
што повпечатливи на сцената, и сосема коректно си го одработија
напишаното, ниту запееа, ниту заиграа, ниту понудија шоу. За повеќе
возбуда и восхит од овие млади дами, сепак, ќе почекаме уште некое
време...

Најпосле, така избираше Македонија својот евровизиски
претставник за 2010-та година. Најважно е што немаше скандали, кои ја
одбележуваа помалку или повеќе секоја претходна година. Лани, како да
се потсмирија, а годинава, ете, јагнињата стивнаа...
Актуелниот
тим кој го координира проектот – Гордана Андрашевска, Љупчо Мирковски и
Мери Попова, како никој претходно, ја знае лекцијата. Не дека немаше
грешки и празни чекори, но луѓе сме, а ова е, сепак, Македонија...
Ова секако не треба да претставува комплимент, туку поттик дека секогаш може и мора да биде подобро!
Иван Беќковиќ
Tea модерна
(превземено од http://mmm.com.mk)